Познатата српска актерка Мирјана Карановиќ денеска соопшти дека одбива да се појави во претставата „ММЕ…кој прв почна“ во која глуми заедно со колегата-актер Бранислав Лечиќ, откако тој беше обвинет дека пред девет години силувал помлада колешка.
Актерот и политичар Лечиќ, кој пред дваесетина години беше и министер за култура на Србија, е во центарот на вниманието на српската јавност од вчера, кога актерката Данијела Штајнфелд во интервју за „Инсајдер“ го обвини ветеранот на српското глумиште дека во 2012 година ја одвел со неговиот автомобил на периферијата на Белград, каде и покрај нејзиното плачење и молење, ја силувал.
Карановиќ, која е дел од истата генерација со Лечиќ, соопшти дека нема да се појави во претставата по текст на Дејан Дуковски на сцената на Југословенскиот драмски театар во Белград, се додека меѓу актерите е Бранислав Лечиќ.
„Почитувани, ве известувам дека одбивам да играм со Бранислав Лечиќ во претставата „ММЕ кој прв почна“, во знак на протест поради неговото однесување кон колешката Данијела Штајнфелд. Ова се однесува и на сите евентуални идни претстави со истиот актер. Спремна сум да ја играм претставата доколку се одлучите да го замени друг глумец“, вели Мирјана Карановиќ во имејл кој го испратила до театарот, а го објави на Инстаграм.
37-годишната актерка Штајнфелд вчера објави и снимка од телефонски разговор меѓу неа и Лечиќ, снимен неколку години по наводното силување, на која може да се слушне како актерот не го негира настанот. Снимката е предадена во српското Обвинителство, кое соопшти само дека пријавата засега е во предистражна постапка.
Лечиќ обвинувањата ги нарече „најгнасна лага“ и додаде дека е подготвен да оди на полиграф, како и дека својата страна на приказната детално ќе ја објасни кога за случајот ќе се изјасни Обвинителството.