Едноставни прашања за кои се потребни десетина минути да бидат одговорени. Вака граѓаните во дијаспората го доживуваат пописот, додека дел од граѓаните во Македонија се во недоумица дали да им отворат врата на попишувачите кои ќе го спроведуваат пописот.
„Прашањата ги одговорив онлајн за 10 минути. Ништо страшно. Имаше прашање дали сум мажена, каде живеам, колку членови сме во семејството, од каде добивам приходи, кој јазик го зборувам дома и слично“, вели Катерина која од 2015 година живее надвор од Македонија.
Во меѓувреме ги менувала државите за престој, па така извесен период живеела во Италија, Словенија и Франција, но сепак вели дека чувствува граѓанска одговорност да учествува во пописот.
„Да, тоа што ние кои сме надвор од Македонија може да се потпишеме онлајн ја олеснува работата, но јас и да бев во Скопје, ќе ја отворев вратата на попишувачите бидејќи не гледам некаков ризик од корона во 10 минути разговор на дистанца и со маски“, вели Филип кој веќе неколку години живее во Австрија.
Од Државниот завод за статистика потсетуваат дека самопопишувањето не е обврска, туку е должност кон татковината и кон сопствените корени.
„Во последното деноноќие, заклучно со 23 март во 8 часот, вкупната бројка на самопопишани изнесува 130 009“, информираат од ДЗС.
Според податоците на Заводот, најмногу попишани иселеници засега има во Швајцарија, Италија и Германија, додека одзивот во Австралија и Канада е значително послаб, иако овие две земји важат за бастиони на македонската дијаспора.
Во моментов може да се попишат само државјаните кои се наоѓаат во странство, а клучот за самопопишувањето е матичниот број на граѓанинот и неговата електронска адреса.
Од Агенцијата за иселеништво велат дека тие презеле чекори да ги информираат нашите државјани во странство за пописот.
„Агенцијата за иселеништво изминатиот период согласно своите законски надлежности ја информираше и ја повика дијаспората на масовно попишување преку директни соопштенија упатени до нив преку социјалните мас медиуми, а и тимот на Агенцијата за иселеништво е задолжен и е ставен на располагање да одговори до сите иселеници кои имаат проблем при пополнување на апликацијата“, вели Симона Ристеска од Агенцијата за иселеништво.
Истиот повик е испратен преку мејл и до сите здруженија кои Агенцијата ги има во дата базата на иселенички организации.
Додека власта презема се за повикот за попис да стигне до граѓаните, најголемата опозициска партија ВМРО ДПМНЕ повикува на бојкот на пописот, па се чини дека тоа се одразува на излезноста на нашите иселеници во Австралија и Канада.
Политичката партија Левица најави дека доколку пописот не биде одложен, и таа ќе повика на негов бојкот.
Главната причина поради која опозициските партии бараат одложување на пописот е пандемијата со Ковид-19, додека власта порачува дека пописот мора да се случи бидејќи тој нема да го загрози здравјето на граѓаните кои ќе се попишуваат.