За само неколку недели, администрацијата на Џо Бајден го претвори националниот триумф во национална катастрофа, изјави поранешниот американски претседател Доналд Трамп, коментирајќи ја мигрантската криза што ги погодува САД на границата со Мексико.
Една од клучните работи на претседателската кампања на Трамп во 2016 година беше изградба на ѕид на границата со Мексико со цел да се запре илегалната имиграција и шверцот на дрога.
Изградбата на ѕидот беше запрена по промената на власта, а сега САД се соочуваат со илјадници илегални мигранти кои ја преминуваат границата.
Во изјавата на Трамп, која на Твитер ја објави неговиот поранешен секретар за печат, Шон Списер, поранешниот претседател и порача на администрацијата на Бајден веднаш да продолжи со градење на ѕидот.
– На администрацијата на Бајден гордо и ја предадовме најбезбедната граница во историјата. Сè што требаше да направат е да продолжат да го одржуваат системот. Сепак, за само неколку недели, администрацијата на Бајден го претвори националниот триумф во национална катастрофа, рече Трамп.
Поранешниот американски претседател изјави дека изградбата на ѕидот не требаше да биде прекината и дека тој може да се заврши за само неколку недели.
– Единствениот начин да се стави крај на граничната криза е Бајден да признае целосен неуспех и да ја усвои длабоко ефикасната и докажана политика на Трамп, се наведува во изјавата.
Тој исто така го критикуваше секретарот за национална безбедност, Алехандро Мајоркас, кој изјави дека администрацијата на Трамп е виновна за кризата, бидејќи делумно престана да гради инфраструктура за привремено сместување на илегални мигранти.
Трамп подвлече дека треба да се отвори истрага во Конгресот за сегашната администрација за „прикривање колку е лоша ситуацијата“. Тој додаде дека ја смета администрацијата на Бајден одговорна за „смрт и човечка трагедија“, вклучително и шверц со дрога и трговија со луѓе.
– Бесрамната политика на оваа администрација овозможува и охрабрува злосторства против човештвото. Нашата земја се уништува, заклучи Трамп.
САД се соочуваат со голем прилив на илегални мигранти на границата со Мексико, вклучително и голем број деца без придружба. Додека американските власти користат закони донесени во времето на Трамп за депортирање на илегални мигранти, децата без придружба остануваат во кампови за притвор.
Од почетокот на годината илјадници деца без придружба влегоа во САД, а според податоците на американските погранични власти, нивниот број во февруари бил 9.457, што е драматично зголемување во споредба со 5.858 во јануари. Само во февруари границата ја поминале околу 100.000 илегални мигранти.
Од октомври до февруари приведени се речиси 30.000 деца кои ја поминале границата без придружба на возрасни.
Според американските медиуми, децата остануваат во граничен притвор во просек околу 136 часа, што е далеку повеќе од законски пропишаните 72 часа.
Веднаш по преземањето на власта, американскиот претседател Џо Бајден потпиша низа декрети, вклучително и оние што ја олеснуваат строгата имиграциска политика на Трамп. Една од првите наредби на Бајден беше укинување на вонредната состојба воведена од администрацијата на Трамп на границата, што овозможи изградба на ѕидот без одобрение од Конгресот за финансирање на проектот.