Сто осумдесет и два стана со вкупна корисна површина од 17325 метри ќе се градат во наредниот период врз основа на издадените одобренија за градба во јануари 2021 година.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во јануари 2021 година се издадени 199 одобренија за градење, што е за 24,6 отсто помалку во однос на истиот месец од претходната година.
Од вкупниот број 10 се во вардарскиот регион, 11 во источниот, 26 во југозападниот, каде пак најмногу 10 се во Македонски Брод, во Југоисточниот се издадени 27, во Пелагонискиот 32, во Полошкиот 45, од кои најмногу 27 во Маврово и Ростуше, во Североисточниот шест и во Скопскиот 42.
Во реонот на Скопје најмногу одобренија за градба 13 се издадени во Чаир, седум во Центар, по пет во Петровец и Гази Баба, четири во Бутел и по три во Чучер Сандево и Сопиште.
Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 2.016.567 илјади денари, што е за 40,9 отсто помалку во однос на истиот месец од претходната година.
Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 105 или 52,8 отсто се наменети за објекти од високоградба, 38 или 19,1 отсто за објекти од нискоградба и 56 или 28,1 отсто за објекти за реконструкција.
Од вкупно 199 објекти, на 90 или 45,2 отсто како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 109 или 54,8 отсто објекти инвеститори се деловни субјект.