Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) бара да престанат притисоците кон членството што, како што велат, го вршат одредени институции и функционери заради барањата што ги испраќаат во време на пандемија за заштита на правата на работниците согласно Законот за безбедност и здравје при работа, за санкционирање на работодавачите кои зедоа државна помош и не исплатија или исплатија многу помала плата од минималната, како и за формирање солидарен фонд за сите работници што ја загубија работат поради ковидкризата и признавање на право на надомест од 100 проценти за боледување за заболените од Ковид-19, во спротивно најавува радикализирање на делувањето со преземање на сите легитимни мерки кои им се на располагање.
Како што истакна претседателот на КСС Благоја Ралповски на денешната прес-конференција, неколку пати досега барале средба со премиерот Зоран Заев за расчистување на состојбите но до тоа, како што рече, не дошло и биле занемарени сите нивни барања за средба поради што јавно го повика премиерот да закаже средба со КСС и да ги спречи ваквите дејствија. Нагласи дека поради непочитување на одредбите од Законот за безбедност и здравје при работа и немање дополнителна проценка на ризик на работно место се создадоа низ на кластери во јавните и државните институции кои треба да бидат пример за приватниот сектор.
-Дел од раководството на КСС е под постојан притисок и прогон од именувани функционери, се бркаат од работа претседатели на грански синдикати при Конфедерацијата кои се и членови на Извршниот одбор, се бркаат од работа синдикални лидери на синдикални организации, се деградираат на работни места со неколку позиции надолу и се преместуваат на работни места надвор од местото на живеење. Притисокот секојдневно се зголемува и со откази и со прераспоредување на членови на синдикатот и оваа бројка постојано расте, рече Ралповски.
Се прави, нагласи, притисок и врз институцијата Трудов инспекторат, врз институциите на системот и врз судиите кои решаваат во делот на трудовите спорови за одолговлекување и со ретки случаи за преиначување на претходните пресуди.
-Како претседател на КСС вторпат добив отказ од мојата матична институција Агенција за катастар на недвижности иако само пред една година се вратив на работа по пресуда на Основниот суд и Апелациониот суд и со потврда на ревизија од Врховниот суд. Овој пат Трудовиот инспекторат констатираше дека со мојот втор отказ по исти основ се сторени експлицитни прекршувања на Законот за работни односи врз основа на што донесе решение за поништување на отказот, но наместо тоа се поништи решението на инспекторот од страна на Второстепената комисија на Влада, а инспекторот стана цел на прогон и дисциплински постапки, рече Ралповски и додаде дека има случаи во кои одредени функционери, потенцира, се поставуваат над законите и не спроведуваат правосилни пресуди во делот на функционирањето на синдикатите и си дозволуваат да ја сопрат членарината што ја плаќаат членовите на КСС.
За сите дејствија во државата, како што рече, КСС постојано ги известува меѓународните организации во кои е член како што се Светската и Европската конфедерација на синдикати, а сега ќе ја извести и целата дипломатија во земјава и Европската комисија со пишани докази.