Холандската полиција е во потрага по двајца млади луѓе кои вчеравечер во градот Гронинген со нож нападнале полицаец кој сакал да ги легитимира поради тоа то го прекршувале полицискиот час.
Како што соопшти полицијата, нејзиниот припадник е избоден во лицето и пренесен во болница со сериозна повреда. Двете момчиња по нападот избегале, а властите ги повикаа евентуалните очевидци да помогнат во пронаоѓањето на сторителите.
Холандија воведе полициски час на крајот на јануари, со траење од 21 часот до 4:30 наутро, што тогаш предизвика нереди, но мерката оттогаш се почитува во целата земја. Минатата недела владата го продолжи полицискиот час до крајот на месецов. Во Холандија досега од Ковид-19 починаа повеќе од 16.000 луѓе.