Германскиот производител на автомобили „Ауди“ денеска ја отвори 900 милиони евра вредната проширена фабрика во Унгарија, каде ќе се произведува новиот модел „А3“ седан.
Компанијата, дел од групацијата „Фолксваген“, претходно соопшти дека проширувањето на фабриката во Ѓер, на северозапад на Унгарија, ќе го зголеми нејзиниот капацитет за производство на 125.000 возила годишно, во однос на 33.500 од минатата година, пренесуваат француските медиуми.
„А3“ што ќе се произведува овде ќе биде првиот модел што во целост ќе биде произведен на ова место, рече претседателот на „Ауди“ во Унгарија , Томас Фаустман.
До сега двата модела што се произведуваа во Ѓер, „А3“ и „ТТ“, беа склопувани со помош на увезени компоненти.
„Ауди“, што од 1993 година го има производството во Унгарија, неодамна вработи 2.100 нови работници како дел од подготовките за отворање на новата фабрика, па сега вкупниот број вработени во фабриката изнесува 9.200 лица.
Ѓер во изминатите две децении стана еден од најважните придвижувачи на растот на „Ауди“, рече извршниот директор на компанијата Руперт Штедлер.