Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на средба со претставници на Граѓанската иницијатива од општина Ѓорче Петров разговараше за донесените урбанистички планови од страна на Советот на општина Ѓорче Петров како и за постапките за носење на идните урбанистички планови.
-Министерот Бочварски истакна дека при носење на урбанистички план, според новиот Закон за урбанистичко планирање, постои можност за формирање на партиципативно тело кое активно ќе биде вклучено во сите постапки при носење на плановите. Од тој аспект, повика на користење на законското право на учество на заинтересирани страни во носење на сите видови планови, поради поголема транспарентност во постапката, соопшти Министерството за транспорт.
Новиот Закон за урбанистичко планирање нуди можност на поголемо вклучување на јавноста со воспоставување нови правила на вклученост, транспарентност, стручност и отчетност на сите чинители во процесот на изработување, донесување, спроведување и надзор над урбанистичките планови, што прв пат се јавува во оваа дејност.
Бочварски изразил уверување дека Министерството за транспорт и врски како орган кој ги носи законските и подзаконските акти во делот на Урбанизмот, останува отворено за соработка со сите организации и здруженија со цел создавање услови за развој на општините преку почитување на урбанистичките правила за хумано живеење.