Жителите на населеното место Банско и хотелските комплекси од денеска имаат чиста и квалитетна вода за пиење.
Градоначалникот на општина Струмица Зоран Заев го означи почетокот на функционирањето на новата бетонска таложница со монтираната хидромеханичка опрема на реката Воденичница и нејзино поврзување со постоечкиот цевовод спрема филтрите.
Досегашната таложница немаше доволен капацитет за да ги задоволи потребите од квалитетни количини вода и затоа беше неопходно да се изгради нова таложница која ќе има доволен капацитет да врши квалитетно таложење на водата од реката.
– Ова е многу значаен и драгоцен проект за жителите на село Банско, едно од поголемите населени места во нашата општина Струмица. Со овој зафат имаме заокружен процес на водоснабдување со квалитетна, бистра и здрава вода за пиење. Вредноста на оваа инвестиција на која сега стоиме е 3.731.768 денари, се работи за зафатнина на таложницата од 120 метри кубни со проток на вода од 25 литри во секунда.
– Со изградбата на оваа таложница ќе доаѓа почиста вода на самите филтри, ќе се овозможи поквалитетно филтрирање и ќе се обезбеди повеќе количини на вода заради намалената потрошувачка на чиста вода за перење на филтрите.
– Досега при поројни дождови и голема потрошувачка на вода во Банско секогаш имаше проблеми, како со квалитетот на водата, така и со количините на вода. Со изградбата на оваа таложница и со целокупниот зафат на реката Воденичница, очекуваме дека за подолг период е решен проблемот со водоснабдувањето во селото Банско, рече градоначалникот Заев.
Во ова населено место има околу 500 домаќинства со над две илјади жители.