Струмичанецот Митко Ѓорѓиев кој вчера даде различни изјави во два медиуми во врска со физичкиот напад во центарот на градот при што во едната вели дека го тепале затоа што е Бугарин, а во втората заради неплатен долг, за „ А1он“, потврди дека стои зад првата.
Тој изјави дека еден од медиумите ја злоупотребил неговата изјава во дневно политички контекст. Ѓорѓиев додаде дека се уште не му е јасно дали зад вчерашниот напад стои нарачател и дали има политичка заднина како што вели, за да се нарушат и така разнишаните македонско-бугарски односи. Како што изјави за „ А1он“ никој во Струмица досега не го тепал и напаѓал затоа што е Бугарин и додаде дека во градот не го крие своето потекло.
„Имало провокации на улица од некои си патриоти од типот „бугарофил“, „марш во Бугарија“, но тоа не сум го земал в предид. Но, да ме нападнат на улица, додека шетав со жена ми, само заради тоа што сум Бугарин не можам да простам. Лојален граѓанин сум на оваа држава, иако и по мајка и по татко сум Бугарин , а и сопругата исто така е Бугарка. Сомнежот е затоа што истите овие лица и претходно се закачале со мене , ме омаловажувале како и други луѓе од бугарска националност. Што се однесува до изјавата за долгот кон Вице Заев, таа работа одамна е завршена и жалам што медиумот каде што ја дадов изјавата ја злоупотреби за свои цели и ја изврте од контекст. Заради тоа ќе реагирам до надлежни медиумски институции“, изјави Ѓорѓиев за „А1он“.
Ѓорѓиев случајот го пријавил во струмичката полиција и во Амбасадата на Бугарија. Тој бара да се расчисти мотивот за неговиот напад, особено ако зад него стои политиката или има скриена заднина, да се омаловажат Бугарите во Македонија.
„На улица може да ве нападне секој, може да е под дејство на алкохол и да му се најдете на патот сосем случајно. Дури и да е така треба да сноси одговорност. Но, доколку како што се сомневам е заради моето потекло ќе кажам дека е срамно во 21 век, во држава која претендира да стане членка на европското семејство , да изедеш ќотек заради етничка припадност. Покрај македонско и бугарско државјанство имам и англиско, да не му засмета на некој и што сум Англичанец“, праша Ѓорѓиев.
Како што информираат од МВР случајот со Ѓеорѓиев е затворен и против напаѓачите се поднесени соодветни пријави.
Нападот на струмичанецот наиде на реакција и кај дел од здруженијата кои ги бранат правата на Бугарите во Македонија. Од Алијансата на македонските Бугари го осудија нападот и повикаа на одговорност.
„Најостро го осудуваме секој вид на напад и повикуваме на меѓуетничка толеранција и трпеливост на сите етнички заедници во РСМ. Да не дозволиме да бидеме изманипулирани заради нечии политички интереси затоа што ние со векови наназад заедно живееме на овие простори. Изгледа дека во сегашната Европска Македонија во 21 век , е многу полесно да се пишеш (попишеш или изјасниш) како Албанец отколку како македонски Бугарин“ вели Маријан Јовановиќ за „А1он “ координатор за надворешна политика и дипломатија во Здружението.
Случката со нападнатиот Ѓорѓиев случајно или не, се совпаѓа и со повикот на бугарскиот претседател Румен Радев кој пред два дена на средбата со шефовите на бугарските специјални служби побара да се преземат навремени мерки за адекватна заштита на правата на бугарските граѓани надвор од Бугарија, кои се изложени на напади само поради нивната национална самосвест.
Повод за средбата било писмото кое бугарскиот Кабинет на претседателот го добил од Културниот центар „Иван Михајлов“ – Битола од каде пријавиле зачестени појави на повреда на нивните права поради тоа што се определуваат како етнички Бугари.