„Скеил фокус“ е компанијата што ја изработила веб-страницата (census.stat.gov.mk) за попис на иселениците, а за која програмерите алармираа дека има недостатоци и аномалии. Станува збор за фирма што е основана во 2012 во Бугарија, а претставништвото во Македонија го отворила пред една година и три месеци. Дека тие ја работеле страницата за попис, потврда е и нивното лого поставено на неа. Според портфолиото на фирмата, таа од нејзиното основање до сега има над 680 вработени, повеќе од 300 клиенти, над 500 проекти и повеќе од 100 награди. За јавноста е непознато какво софтверско решение било нарачано од Државниот завод за статистика, ниту колку чини.
Во електронскиот систем за јавни набавки, во делот на склучени договори, не може да се најде набавката што Државниот завод за статистика ја направил со фирмата „Скеил фокус“. „А1он“ испрати и прашања до двете страни за тоа какво софтверско решение е набавно и испорачано, дали се задоволни од нивото на безбедноста и заштитата на веб-страницата, како и дали е изработена според спецификација. До овој момент Државниот завод за статистика и фирмата не одговорија на прашањата. Заводот за статистика не кажува ниту по кој критериум е избрана фирмата.
Македонското претставништво на фирмата е основано кон крајот на ноември 2019 година. Како сопственик во Централниот регистар се впишува „Скеил фокус“ АД, а на почетокот управител бил еден од основачите на компанијата, Пламен Стилјанов-Цеков.
Кон крајот на јануари 2020 година неговото име се брише од Регистарот и се впишува Софче Јовановска. Засега не е познато кога компанијата склучила договор со Државниот завод за статистика за да ја изработи страницата, како и колку средства биле платени.
Фирмата „Скеил фокус“ има десет канцеларии во шест земји. Според нивното портфолио, компанијата има претставништва во Софија, каде што е основана, Пловдив, Варна, Лондон, Минхен, Вашингтон, Цирих, Атина, Тел Авив и во Скопје.
Инаку, пропустите за веб-страницата за попишување први ги лоцираа програмерите. Тестирајќи ја веб-страницата, тие наидоа на аномалии и пропусти. Па, така, користејќи алатка за маскирање на ИП-адресата, со изигрување на системот, успеаја од Македонија да се попишат преку бев-страницата наменета за иселениците. Тие сметаат дека регистрацијата на лице што се попишува со еден степен на заштита е премала. Дали во спецификацијата на веб-страницата се барало така да биде изработено – не се знае.
Лицата што ја тестираа страницата велат дека Државниот завод за статистика можел да побара заштитата да биде со внесување телефонски број и добивање порака за потврда, точна адреса, па дури и со матичен број, кој би се проверувал дали е валиден преку базата на МВР. Но, ниту една од овие методи за автентификација не е применета.
Ова не е единствен случај каде што набавен софтвер има недостатоци. Претходно, таков беше случајот со страницата на Државната изборна комисија, која крахира во текот на изборната ноќ. Подоцна, Обвинителството поднесе пријава до МВР против експретседателот Оливер Дерковски и тројца членови поради тоа што тврдеа дека е противзаконски набавен.
Претходно, директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, рече дека овие недостатоци не се безбедносен проблем, туку удар врз системот, што се казнува.