Српските полициски инспектори успеале да ја пробијат заштитената апликација „Скај“, каде што пронашле морничави снимки и фотографии на кои се гледа како членовите на кланот на Вељко Беливук се изживуваат со своите жртви и дури како им ги сечат главите, пишуваат медиумите повикувајќи се на полициски извори.
На монструозните видеа и слики, се гледа како криминалците ги колат жртвите и им ги распарчуваат телата. Во материјалите на апликацијата што ја користеле насилниците за комуникација, а до кои дошле инспекторите, дури се гледало и како бездушните џелати играат фудбал со главите на своите жртви, велат од полицијата.
Криминалната група на Беливук, која беше разбиена на почетокот на февруари, според полицијата изминатите години го презела приматот во белградското и српското подземје, а високи политички фигури од Србија изјавија дека групата била посилна и поорганизирана и од озлогласениот „Земунски клан“.
„Дојдовме до морничави откритија од кои некои ќе бидат објавени, за да се види со какви монструми се работи тука, за случајно некој да не има дилема… кланот на Беливук преку Скај, апликацијата која користи кодирани пораки, ги договарал сите бизниси – преку неа дилале дрога, нарачувале убиства, договарале акции. Во таа апликација се пронајдени и ужасни снимки. На нив се гледа како убиваат луѓе, како ги мачат на најстрашен начин, им ги сечат главите,“ велат изворите од истрагата за српските медиуми.
„Им ги отсекувале на луѓето јазиците, носевите, ушите, мртвите ги касапеле, ги сечеле телата на делови и ги топеле во киселина. Се изживувале на најболни начини, а што е уште полошо, тие видеоснимки си ги препраќале едни на други, но ги користеле и како закана за своите противници и соработници, во случај да одбијат нешто да направат. Дури во неколку наврати, снимките им ги испраќале и на семејствата на убиените,“ открива полицискиот извор.
Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека најдоцна до четврток ќе бидат објавени најнови, морничави откритија од истрагата против криминалната група на Вељко Беливук.
„Кога ќе ги прикажуваме тие работи, ќе мораме да им кажеме на луѓето да ги тргнат децата… јавност досега виде само оружје, организирана група, пиштоли, снајпери, панцири, куршуми, дрога, но тоа не е ништо. Она што следи ќе ја шокира цела Европа и целиот свет,“ рече Вучиќ.