Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски денеска во Њујорк ќе се сретне со генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун, а утре со посредникот во спорот за името Метју Нимиц.
Како што изјави за МИА министерот Попоски, средбата со Бан Ки-мун е предвидено да се одржи доцна вечер по македонско време, а со Нимиц утревечер.
Попоски синоќа во Њујорк учествуваше на заедничкото одбележување по повод 20 години од приемот во Обединетите нации на Република Македонија, Чешката Република, Словачка, Андора и Монако.
На свеченоста покрај Попоски поздравни обраќања имаа и генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун, потпретседателот на Владата на Словачката Република и министер за надворешни работи Мирослав Лајчак, министрите за надворешни работи на Андора и Монако, Жилбер Сабоја и Хосе Бадија и заменик министерот за надворешни работи на Чешката Република Владимир Гаушка.