Градската комунална инспекција во босанскиот град Тузла побарала да се отстрани малата плоча со натпис „Мост на Панонскиот Морнар – Ѓорѓе Балашевиќ“, која локалните жители самоиницијативно ја поставија на пешачки мост во градот како сеќавање на починатата музичка ѕвезда.
Во текот на ноќта, некој ја тргнал плочата, но приказната на завршила тука – граѓаните, предводени од активистот Синан Алиќ, денеска истакнале нова, велејќи дека тоа е нивната волја, како и дека имаат голема поддршка во градот.
„Ова е пропуст на градските власти, кои реагираат на таблата и на овој мост, додека бесправното градење го задушува градот. Новата плочка ја ставив јас, а официјалната процедура ја прескочивме, затоа што жителите на овој град 20 години чекаат процедурално да се одговори на барањето некаде, во некое ќоше, некој мост или бандера во овој град, да добие име според Срѓан Алексиќ,“ изјави Алиќ.
Срѓан Алексиќ е млад актер од Тузла, Србин и припадник на Војската на Република Српска, кој за време на војната се обидел да спречи негови колеги да малтретираат муслиманско семејство, по што бил убиен од страна на српските војници.
Алиќ вели дека ангажирал и правен застапник, откако вчера по повод случајот со именувањето на мостот по Ѓорѓе Балашевиќ, се огласила кантоналната комунална инспекција.