Новиот 0,9 литарски ТвинАер Турбо мотор на Фиат е добитник на наградата „Најдобар зелен мотор за 2013 година“.
Станува збор за една од 12-те категории на познатата традиционална манифестација на доделување Награди за мотор на годината.
ТвинАер Турбо моторот на пазарот премиерно се појави во новата Фиат Панда. Овој мотор со два цилиндри ги комбинира еколошките придобивки на метанот со перформансите што ги обезбедува Турбо ТвинАер технологијата. Во прилог на тоа оди и неговата моќност од 80 коњски сили.
Потрошувачката на гориво и емисијата на штетни гасови се значително намалени. Новата Фиат Панда ТвинАер Турбо Нејчрл Пауер емитува 86 грама штетни гасови на километар, што спаѓа во најниското ниво на пазарот, при што користи само 3,1 килограм метан на 100 километри со комбиниран режим на возење.
Моментално новиот 0,9 ТвинАер Турбо Нејчрл Пауер се наоѓа во понудата на моделите Панда и 500Л, како и на моделите Ланчиа Ипсилон ЕкоЧик.
Од 1997 година досега Фиат има продадено над 560.000 Нејчрл Пауер патнички и комерцијални возила што како погон користат метан, односно компримиран природен гас.