Пред две сенатски комисии денеска се одржува распит на раководителите на полициската служба на Капитолот за пропустите во обезбедувањето за време на нападот на зданието извршен од страна на поддржувачи на поранешниот претседател Доналд Трамп.
На распитот се повикани екс началникот на полицијата на Капитол, Стивен Санд и поранешните раководители на обезбедувањето на Претставничкиот дом и Сенатот, Пол Ирвинг и Мајкл Стенџер. Сите тројца поднесоа оставки по нередите на 6 јануари, што резултираа со пет изгубени животи.
Пред законодавците исто така настапува и Роберт Конти, началник на полицијата на Вашингтон, чии сили помогнаа на полицијата на Капитол да ја задржат толпата и да ги исчистат просториите од агресивните поединци, по што законодавците се вратија и го продолжија заседанието, со кое се потврди победата на Џо Бајден на изборите во ноември 2020 година.
Членовите на Одборот за внатрешна безбедност и Одборот за процедурални прашања во моментот се обидуваат да разјаснат каде се појавиле пропустите и пробивот во планирањето и реакциите, увертира во насилството во храмот на американската демократија.
Според Вашингтон пост, сопственото разузнавање на полицијата на Капитолот предупредило дека поддржувачите на Трамп можат да извршат упад во зградата.
А предупредувања за насилство од екстремистички групи имало и од Федералното биро за истраги. Додека некои функционери од Министерството за внатрешна безбедност биле загрижени од објавата на соопштенија и статуси по социјалните мрежи и сакале да го информираат органот, но се дознава дека вработени во органот кои биле назначени од Трамп, ги блокирале таквите обиди.