Украина денеска ја доби првата пратка од 500.000 дози од вакцината АстраЗенека против Ковид-19, што ќе овозможи почеток на вакцинацијата, а први во редот ќе бидат здравствените работници кои се на фронтот за борба против болеста и војниците.
Локалните медиуми посочуваат дека Украина заостанува зад соседите во обезбедувањето вакцини за своите 41 милион жители. Таа побара од Европската унија да и помогне откако ја одби руската вакцина Спутник V.
„Ќе започнеме со вакцинирање што е можно поскоро. Мораме заедно да се бориме против Ковид”, напиша на Твитер украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Бројот на лица заразени со коронавирус повторно започна да се зголемува по затишјето за време на строгиот карантин на почетокот на годината.
Владата отвори мобилни болници на западот на земјата поради наглиот пораст на бројот на заразени во регионот Ивано-Франкивск.
Украина пријави повеќе од 1,3 милиони позитивни на коронавирус и 25.309 смртни случаи.