Американскиот производител на електрични автомобили „Тесла“ оствари речиси една милијарда долари од вложувања во биткоин, изјави аналитичарот Даниел Ив.
Според него, „компанијата би можела од вложувањата во криптовалутата да заработи повеќе отколку од продажбата на своите електрични возила во цела 2020 година“.
На почетокот на овој месец, основачот на „Тесла“, Илон Маск, во поднесокот доставен до Комисијата за хартии од вредност откри дека купил биткоин во вредност од 1,5 милијарди долари за да го направи „пофлексибилен за натамошно диверзифицирање и максимизирање на поврат на готовина“.
Тргувањето е објавено минатиот месец, но компанијата не открива точно кога и по која цена. Засега не се знае дали „Тесла“ продал дел од купената криптовалута.
Најголемата светска дигитална валута забележа силен раст оваа година, достигнувајќи постојано нови рекордни нивоа.
Даниел Ив не објаснува како дошол до пресметувањето на заработката на „Тесла“ од биткоинот. Според податоците на КоинДеск, цената на оваа криптовалута на 31 јануари била на дневен максимум од 34.793,45 долари, а на 20 февруари, кога Ив ја објавил својата белешка, изнесувала 57.487,03 долари.
Тоа претставува раст од околу 65 проценти, што значи дека профитот на „Тесла“ од вложување на 1,5 милијарди долари во биткоин во тој временски период би изнесувал околу 975 милиони долари. Бидејќи биткоинот достигна денеска нов историски рекорд од 58.332,36 американски долари, профитот на Тесла надминува една милијарда долари.