Протестите во Барселона во знак на поддршка на шпанскиот рапер Пабло Хасел, кој е обвинет за навреда на монархијата и за величење на тероризмот, продолжија и синоќа, шеста ноќ по ред.
Како и претходните денови, вчера во Барселона почнаа мирни протести, а уметниците нацртаа мурал со кој го го критикуваа шпанскиот крал Филипе Шести и неговиот татко, поранешниот шпански крал Хуан Карлос и искажаа солидарност со Хасел.
Демонстрантите воглавно облечени во темна облека маршираа од центарот на Барселона до седиштето на Националната полиција, каде врз зградата фрлаа камења, шишиња, отпад и петарди, на што возврати полицијата.
Продавниците во центарот на Барселона повторно беа мета на вандалите.
Повеќе од сто луѓе се приведени поради судири со полицијата од 16 февруари, кога беше уапсен Хасел и испратен на издржување на деветмесечна затворска казна поради твитови и текстови кои ја навредуваат шпанската монархија и го величаат тероризмот.
Протести вчера имаше и во другите шпански градови, но поминаа мирно.