Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за економија Крешник Бектеши и градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов денеска ја посетија словенечката фабрика „Таб Мак“ за оловно-киселински акумулатори во Пробиштип.
Заев истакна дека оваа компанија дури 97 проценти од производството го пласира на странскиот, главно европски пазар.
-Од разговорите со менаџментот добивме информација која дава мотивација дека состојбата во секторот е стабилна со тенденција за натамошен раст и развој. Пандемијата секако дека имаше влијание на производството во првата половина на 2020 година, како и во целиот свет, но „Таб Мак“ успеа до крајот на 2020 година да надополни со вкупно производство на стартер акумулатори од 1,5 милиони парчиња, што е пет отсто повеќе во однос на претходната 2019 година, вели Заев.
Посочи дека фабриката размислува за развој, бидејќи годинава планира двојно да го зголеми производството на три милиони парчиња на стартер акумулатори. Во Таб Мак на крајот на 2020 година, работеле 452, а сега 465 работници со тренд на натамошен раст. Премиерот Заев истакна дека „Таб Мак“ е една од компаниите која ги искористи можностите на Законот за финансиска поддршка на инвестиции и мерките од Планот за економски раст и потпиша пет годишен договор за државна помош со што ги забрза инвестициите.
-Целиот инвестициски циклус до крајот на минатата година изнесува над 20 милиони евра. Само минатата 2020 година и покрај пандемијата инвестираа 9,4 милиони евра и со тоа ги завршија започнатите инвестиции од претходната година. Инвестициите ги насочуваат во проширување на производството на стартер акумулатори и тракциски ќелии како и во проширување на дополнителната потребна инфраструктура за производство, рече Заев.
Потенцира дека со низата економски мерки мерки и во петтиот пакет вреден 160 милиони евра ги поддржуваат компаниите од сите дејности, граѓаните, како и извозно ориентираните дејности.
–За извозните компании покрај намалувања и укинување на царинските стапки, на располагање е и финансиска поддршка преку основање Фонд за поддршка на извозни компании во висина од 10 милиони евра, кој ќе се воспостави преку Развојната банка на Северна Македонија. Се работи за евтини кредитни продукти за компании кои најголемиот дел од своето производство го извезуваат.
Дополнително со кредити со 0% камати за компаниите од останати дејности како туризам, занаетчиство, угостителство, транспорт, индустрија за организација на настани,приватните здравствени установи преку Развојната банка на располагање се 10 милиони евра, за кои може да аплицираат во 2021 година, додаде Заев.
Градоначалникот на Пробиштип Анастасов рече дека словенечката инвестиција „Таб Мак“ е еден од виталните столбови на економијата во градот гледано наназад во минатото, но и денес.
-Како градоначалник ме радува тоа што компанијата „Таб Мак“ потпиша договор со Владата за користење на субвенциите, а којшто се однесува на развој и проширување на самата компанија. Ваквите инвестиции и тoa како се од витално значење за економијата на локално, но и на државно ниво. Дополнително кон подобрување условите за инвестиции, Општина Пробиштип обезбеди средства и за уште еден проект од којшто ќе има бенефит и оваа компанија, а тоа е приклучување на индустриската зона Неокази со техничка вода, со што директно се подобруваат условите за компаниите коишто се лоцирани и ќе бидат лоцирани во оваа индустриска зона, вели Анастасов.
Компанијата „Таб Мак“ произведува стартер акумулатори за сите видови возила, како и тракциски ќелии, односно акумулатори за виљушкари.