Францускиот производител на автомобили „Рено“ го претстави моделот Клио ГТ со 1,2 литарски турбо мотор и 120 коњски сили. Клио ГТ ќе се најде меѓу најслабиот бензински модел Клио 0,9 Тце и најмоќната изведба со ознаката РС.
Преносот на силата на предните тркала се врши преку шестстепен автоматски ЕДЦ менувач со две квачила. Максималната брзина изнесува 195 километри на час, а од 0 до 100 километри на час забрзува за 9,9 секунди.
Клио ГТ визуелно се разликува во предниот дел, каде предниот браник има поголеми отвори за воздух и дневни ЛЕД светла. Во задниот дел има по двоен хромиран издув и 17-инчни фелги со пневматици 205/45.
Рено тврди дека моделот во просек троши 5,2 литри, а просечната емисија на штетни гасови изнесува 120 грама на километар. Клио ГТ во Европа се очекува во септември годинава.