Големите протести на противниците на анти-епидемиските мерки во ноември во Германија довеле до значително побрзо ширење на вирусот SARS-CoV-2 во земјата оваа есен, покажа заедничка студија на институтите во Берлин и Манхајм.
Поради протестите, на кои десетици илјади граѓани не се придржуваа на епидемиолошките мерки, до Божиќ од Ковид-19 се разболеле меѓу 16.000 и 21.000 Германци, утврдија во заедничко истражување Хумболд-Универзитет од Берлин и Институтот за економски истражувања ЗЕВ.
Првиот протест собра толпа луѓе во Лајпциг на 7 ноември, а уште повеќе луѓе се собраа на 18 ноември во Берлин.
Во заедничкото соопштение на Хумболд и ЗЕВ се наведува дека илјадници луѓе патувале на митинзите од околните помали градови и окрузи и оти истражувачите ги проучувале автобуските мрежи што ги користеле Германците кои патувале на митинзите и, конечно, односот на можно зголемување на инциденцата на инфекција меѓу граѓаните што живеат во овие делови на Германија во споредба со остатокот од земјата.
Медиумите ширум светот на 18 ноември објавија дека вкупниот број на смртни случаи од Ковид-19 во Германија на тој ден е 13.119, и оти епидемијата во Германија сè уште не била ни приближно толку разгорена како што беше после тоа, па за 16 германски провинции важеше само делумно заклучување.
– Така, по демонстрациите, седумдневната инциденца (зарази со коронавирусот) значително се зголеми во оние области што одржуваа автобуски линии отколку што беше случај во оние области каде што немаше такви автобуски линии, се вели во соопштението на Хумболд и ЗЕВ.
Станува збор за пораст на седумдневната инциденца на коронавирус од 40 случаи на секои 100.000 жители, што според соодветната пресметка доведува до меѓу 16.000 и 21.000 дополнителни случаи до Божиќ како директен резултат на двата протести во Лајпциг и Берлин во ноември.
Во соопштението се вели дека анализата од страна на Универзитетот Хумболд и ЗЕВ за првпат го квантифицирала конфликтот во целите меѓу ограничувањата на правото на лични слободи и мерките за јавно здравје за заштита на населението од епидемијата.
Научникот од ЗЕВ и еден од авторите на истражувањето, доктор Мартин Ланге, ги коментираше резултатите.
– Подвижното малцинство што не ги почитува хигиенските правила може да претставува значителен ризик за сите во својата околина, истакна тој.