Угостителските и хотелските работници да имаат приоритет при вакцинирањето против Ковид 19, е главното барање на хотелиерите на денешната средба со директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски.
Претседателот на Асоцијацијата на хотелиери – ХОТАМ, Крсте Блажески смета дека на тој начин ќе се покаже дека земјата е безбедна туристичка дестинација, а гостите ќе се чувствуваат безбедно и да имаме успешна туристичка сезона.
– Со вакцинацијата на вработените во туристичкиот сектор ќе се даде слика дека ние сме безбедна дестинација и во сезоната 2021 секој гостин, домашен или странски да ќе се чувствува безбедно. Што поскоро да се донесе вакцината и да се почне со вакцинирање, порача Блажески.
На средбата, посочи, ќе биде побарано да се дополнат протоколите за поголема безбедност на гостите.
– Безбедносните мерки околу протоколи за собите постојат, но да бидат направени побезбедни. Покрај дезинфекција на собите да се прави и озонирање, како и вакцинација на вработените, кои треба да го прават тоа секојдневно. Потребен е и посебен кол центар каде доколку има гостин со симптоми ќе може да се јави и да добие соодветни инструкции. Сакаме да најдеме начин и како да направиме служење на храната со шведска маса, нагласи Блажески.
Мотото на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, според директорот Јаневски, е да ја прикажеме земјата како сигурна дестинација и сигурно патување и можноста да се даде приоритет при вакцинирањето и на хотелските работници со цел уште повеќе да ги увериме странските туристи дека возможно е Македонија да биде сигурна дестинација за лето 2021 година.
– Работиме на усогласување на одредени протоколи и нивно подобрување со цел Македонија да биде сигурна дестинација за лето 2021 година. Сертификатите и протоколите ќе бидат дополнително нормирани со сите протоколи во Европската унија. Со ХОТАМ ќе работиме на подобрување на одрддени елементи во работењето на угостителско – хотелиерскиот сектор. Дополнително ќе се потрудиме во 2021 година да имаме подобри резултати од 2020, изјави Јаневски.
Според одредени податоци од Агенцијата за вработување во туристичкиот сектор има меѓу 5 и 8 илјади вработени, но со дополнителните гранки околу 15 до 20.000.