Најголем број од членовите на познатата Фејсбук група каде се споделуваат искуства и совети за Ковид – 19 би се вакцинирале со руската вакцина „Спутник“, единствената вакцина која засега не се ни споменува како опција за да се донесе во државата. На анкетата објавена во групата „Ковид-19 – искуства и совети“, за 4 часа гласале 938 членови, од кои дел веќе го имаат прележано коронавирусот.
Од нив, една третина, односно 322 лица гласале дека доколку имаат можност да бираат, би се вакцинирале со руската вакцина. Над 240 луѓе одговориле дека биле позитивни и нема да се вакцинираат, додека 187 се изјасниле дека би се вакцинирале со кинеската „Синофарм“.
Стотина лица се изјасниле дека или нема да се вакцинираат или дека можеби ќе го сторат тоа подоцна.
За американската вакцина „Фајзер“ се изјасниле 43 луѓе.
Само четворица на анкетата гласале вакцината „Астразенека“, токму онаа која се очекува да пристигне во земјава преку Ковакс механизмот наредниот месец.
Слични резултати како анкетата во Фејсбук групата за Ковид-19, даде и анкетата што ја спроведе истражувачкиот центар на „Макфакс“ пред неколку дена.
Третина од анкетираните се изјаснија дека би се вакцинирале со руската „Спутник“, а третина пак изјавиле дека не би се вакцинирале. За кинеската „Синофарм“ се изјаснија 15 отсто од анкетираните, додека „Астразенека“ повторно беше на последно место, односно само 1,9 отсто би ја избрале оваа вакцина, доколку имаат можност да бираат.
На оваа анкета за 24 часа гласаа 6.578 луѓе.