Во споредба со претходните пет години, минатата година во Италија биле регистрирани 30.000 смртни случаи повеќе од други болести кои не се поврзани со Ковид-19, пишува агенцијата Анса.
Според зборовите на претседателот на националната федерација на медицински комори, Филип Ањели, тоа е последица на фактот дека поради пандемијата со Ковид-19, помалку внимание и места во болниците им се посветувало на пациентите кои страдаат од други болести.
– Се доцнеше во превенцијата, дијагностицирањето и лекувањето, вели Ањели и посочува дека тоа е највидливо кај луѓето кои страдаат од канцерогени заболувања.
– За разлика од претходните години, скринингот за превенција од малигни заболувања е драстично намален, и како последица на тоа, зголемен е бројот на пациенти кај кои, кога првпат се јавуваат за лекување, болеста напредувала, вели д-р Ањели.
Исто така, бројот на пациенти со срцев удар е зголемен, а луѓето кои се погодени од срцев удар доаѓаат во болница со задоцнување, кога болеста е во акутна фаза, бидејќи луѓето избегнуваат да доаѓаат во болница од страв да не се заразат со Ковид-19.
Бројот на луѓе, возрасни и малолетни лица, кои страдаат од депресија, исто така, се зголеми минатата година, и сето ова може да се припише на долгорочни анти-ковид мерки, изолација, ограничувања и несигурност предизвикани од пандемијата со коронавирусот.