Борис Милошиќ од Сплит, Хрватска, го собори рекордот за најдолга подводна прошетка во еден здив во машка категорија, со тоа што на 1 март лани под вода изодел 96 метри, информираат од Организацијата на Гинисови рекорди.
Како што информираат од организацијата, Милошиќ овој подвиг го завршил за три минути и 34 секунди и го соборил претходниот рекорд за 16 метри. За да ја добие престижната награда, тој морал постојано да ја држи едната нога на подводното тло, a според пропозиците, за оваа цел тој можел да прикачи тегови.
Страста на Милошиќ за нуркање потекнува уште кога имал седум години. Од својата 14-та година тој нуркањето го практикувал како професионален спорт. За да дојде до Гиносовата титула, тој вели дека тренирал петпати неделно.