Иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф денеска потврди дека неговата земја нема да ги прифати барањата на САД да го прекинат развојот на својата нуклеарна програма се додека официјален Вашингтон не ги укине санкциите.
– Барањето на САД не е реално и не може да се прифати, рече Зариф на заедничката прес-конференција во Истанбул по разговорите со турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу.
Администрацијата на новиот американски претседател Џо Бајден претходно соопшти дека Техеран мора да продолжи да ги почитува ограничувањата согласно нуклеарниот договор на светските сили од 2015 година, пред Вашингтон повторно да се приклучи кон договорот со Иран.
Иран постепено почна да ги крши условите на договорот, откако во 2018 година тогашниот американски претседател Доналд Трамп одлучи да ги повлече САД од меѓународниот договор и повторно да воведе санкции за Техеран.
На почетокот на овој месец, Иран продолжи да збогатува ураниум до 20 проценти во својата нуклеарна централа Фордо, а вчера иранските власти потврдија дека Техеран го надминал најавеното месечно производство од 17 килограми, со што го приближи нивото на нуклеарно оружје.