Сомнителниот пакет во фабриката во Велс во која се произведува вакцината против Ковид-19 на компанијата АстраЗенека е безбеден и распоредот на производството не е нарушен, соопшти вечерва компанијата.
„Можеме да потврдиме дека е завршена истрагата за сомнителниот пакет што пристигна денеска. Бидејќи безбедноста на вработените е наш врвен приоритет, производството беше привремено запрено, на безбеден начин. Сега можеме да потврдиме дека пакетот е безбеден и вработените можат да се вратат во фабриката, соопшти Вокхард, чија фабрика во Врексам во Велс ја произведува вакцината на АстраЗенека.
– Овој привремен прекин на производството во никој случај не влијаеше на нашиот распоред на производство и ние им благодариме на властите и експертите за брзиот одговор и решавање на инцидентот, се заклучува во соопштението.
Фабриката попладнево беше евакуирана откако доби „сомнителен пакет“, а Би-Би-Си јави дека на местото на настанот била испратена екипа за експлозиви.
Инцидентот се случи во време кога Европската унија бара компанијата да ја снабди со повеќе дози од вакцините од фабриките во Британија, откако АстраЗенека минатата недела ја извести Европската унија дека ќе испорача 60 проценти помалку дози отколку што беше ветено за првиот квартал од 2021 година.