Тинејџер од Тексас по име Џексон Рефит го пријавил својот татко дека учествувал во нападот врз Конгресот. По пријавата, Гај Рефит е уапсен поради учество во немирите и поврзаност со екстремистички воени групи.
При приведувањето во домот на семејството, пронајдени се и две парчиња оружје. Федералното истражно биро (ФБИ) го пронајде Рефит благодарение на снимката од немирите објавена на „Фокс њуз“, а бил контактиран и неговиот 18-годишен син Џексон, кој помогнал да се докажат сомневањата на ФБИ.
Бирото соопшти дека Гај Рефит по враќањето од Вашингтон дека им се заканил на своите деца: „Ако ме пријавите, вие сте предавници, а знаете што се случува со предавниците… Предавниците добиваат куршум“.
Тој во меѓувреме е обвинет за незаконско влегување во зградата на Конгресот, попречување на правдата, како и за заканите кон членовите на семејството.
– Сите емоции ги тргнав на страна и го направив тоа за што сметам дека е исправно, изјави синот Џексон за „Тајмс“, додавајќи оти не жали поради својата одлука.
Џексон не е повеќе во семејниот дом поради страв за сопствената безбедност и се наоѓа на тајна локација. По неговото интервју за Си-Ен-Ен на Твитер беше покраната кампања „GoFundMe“ и само за четири дена собрани се речиси 140.000 долари.
– Секој долар ќе го потрошам за факултет или како заштеда за следните години. Можеби ќе бидам исфрлен од семејниот дом поради вмешаност во случајот против мојот татко, па секој цент ќе ми помогне да преживеам, напиша Џексон Рефит на Твитер.