Европската комисија денеска соопшти дека отсега сите компании што произведуваат вакцини против Ковид-19 во ЕУ ќе треба претходно да ја известат Унијата доколку сакаат да доставуваат вакцини во трети земји.
-ЕУ ќе стори се што може за да ги заштити своите граѓани и нивните права, изјави еврокомесарката за здравство, Стела Киријакидес.
Таа посочи дека хуманитарните испораки ќе бидат изземени од оваа мерка.
Киријакидес додава дека ЕК предложи механизам за транспарентност на извозот на вакцини.
-Европската унија со 2,7 милијарда евра го поддржа забрзаниот развој и производството на неколку вакцини против Ковид-19. Ние сакаме појасни трансакции и целосна транспарентност на извозот на вакцини од ЕУ, рече еврокомесарката во денешната изјава.
За неа е неприфатлива најавата за значително намалување на снабдувањето со вакцини од компанијата „Астра Зенека“ на пазарот на ЕУ и затоа ја замоли компанијата да одговори колку дози се произведени досега и на кого биле доставени.
Киријакидес посочи дека одговорите на „АстраЗенека“ на поставените прашања се уште не се задоволителни и разговорите ќе продолжат.
-ЕУ сака порачаните и повисоко платените вакцини да бидат доставени во најкус можен рок, а договорот да се почитува целосно, рече Киријакидес.
Инаку, вакцината „АстраЗенека“ е во фаза на одобрување од Европската агенција за лекови (ЕМА) и може да биде одобрена до крајот на неделава.