Мексико ќе добие 24 милиони дози од руската вакцина Спутник V против Ковид-19, изјави мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопес Обрадор.
– Разговаравме со рускиот претседател Владимир Путин и му се заблагодарив на неговата одлука да ни испрати 24 милиони дози од вакцината во следните два месеца, напиша на Твитер Обрадор, кој вчера соопшти дека е позитивен на коронавирус.
Мексиканското Министерство за здравство соопшти дека очекува од Русија дозвола за испорака на вакцината Спутник V.
Руската вакцина се уште не е одобрена од Европската агенција за лекови (ЕМА) и од мексиканските санитарни власти.
Во Мексико единствено е одобрена американско-германската вакцина Фајзер/БиоНТек.
Од почетокот на епидемијата на коронавирус во земјата се потврдени 1.763.219 заразени лица, од кои речиси 150.000 починале.