Со победата над Доминиканска Република од 88:73, кошаркарската репрезентација на Нигерија се пласира на Олимписките игри кои од 27 овој месец ќе почнат во Лондон.
Нигеријците ноќеска пред околу 7.000 гледачи во Каракас, Венецуела, во последниот натпревар од квалификацискиот турнир беа убедливи во дуелот за третото место кој обезбедуваше Олимпијада.
Освен третиот период кој Доминиканска Република го доби со 18:12, во другите три четвртини подобра беше Нигерија. Првата ја доби со 24:18, а втората со 23:21 за водство на полувремето од осум поени разлика.
Во вториот дел Доминиканците резултатски се вратија во игра, но Нигерија одигра извонредна последна четвртина во која даде 29, а прими само 13 пени за конечен триумф од 15 разлика.
Ике Диогу со 25 поени и 10 скокови беше предводникот на Нигеријците на патот кон Олимписките игри, а Франциско Гарсија со 17 поени беше најефикасен во поразената репрезентација.
И Македонија учествуваше на овој турнир и оствари скор од една победа и два пораза што не беше доволно за првпат во историјата да имаме претставник на Олимпијада во колективен спорт. Македонските кошаркари во четвртфиналето беа поразени од Доминиканска Република.