Повеќе од илјада матични лекари не можеа да учествуваат во онлајн дискусијата до докторот Дејан Докиќ, поврзана со лекот Ивермектин. За ова на социјалните мрежи обзнани матичниот доктор, Ненад Лазаров. Дискусијата беше закажана пред два дена, а по пуштањето на лекот во продажба и бурните реакции на матичните дека многу прашања за дозирањето и употребата не се одговорени.
„Од 1600 и кусур матични лекари, само 100 можат да се вклучат на on-line дискусијата на ЛКМ со Проф. Д-р Доќиќ за ивермектин, бидејќи користат бесплатен програм ‘Зум’, пишува Лазаров.
Организатор на дискусијата е Лекарската комора, од каде нема објаснување како ќе ги вклучат матичните доктори кои сега остснаа исклучени од дискусија.
Лекарската комора пред два дена испрати „Мислење за употреба на Ивермектин кај пациенти со Ковид-19“, за кое дел од докторите и јавно реагираа дека не е официјален документ по кој тие можат да се водат.
Хаосот со лекот настана уште првиот ден, откако Филипче објави дека е пуштен во продажба, матичните останаа без упатство, а пациентите молеа за рецепти.
Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари упати жестоки критики и сметаат дека приказната за лекот е смислена само за јавноста да има што да се занимава, а единственото решение за коронавирусот е само вакцинацијата.