Хаос со Ивермектин: Матичните без упатство за дозирање и препишување, пациентите молат за рецепти и талкаат да го купат

Од:

Матичните лекари од медиумите дознаваат дека лекот Ивермектин е достапен во аптеките и не знаат како да го препишат на пациентите, бидејќи немаат добиено допис од Фондот за здравство. Пациентите, пак, се жалат дека матичните доктори одбиваат да им го препишат лекот, а добиваат совети да бидат упорни и да инсистираат.

Оние кои успеале да добијат „розева рецепта“ за Ивермектин, не успеваат да го набават од аптеките бидејќи фармацевтите им кажуваат дека го немаат. Министерството за здравство не одговори на прашањето од „А1он“ зошто матичните доктори не добиле упатство кога да го препишуваат лекот и како да го дозираат, но и во кои аптеки може да се набави.

Матичните од пациентите дознаваат дека лекот е достапен во Македонија

Во системот преку кој матичните доктори издаваат рецепти на товар на Фондот за здравство, лекот не е достапен. Лекот се купува со „розева“ односно приватна рецепта. Голем дел од матичните лекари одбиваат да го препишат и реагираат бидејќи наместо први, дознаваат последни дека лекот е пуштен во аптеките. Тие и натаму немаат упатство како треба да постапат.

„Знае ли некој на каков рецепт ќе оди Ивермектин?“, е една од реакциите во по социјалните мрежи од матични доктори, а потоа, следува друга која вели: „Колеги знае ли некој во кои аптеки го има Ивермектинот? И како оди препишувањето? На розева рецепта? Пациенти го барале, објаснето им е дека се уште не е пуштен во продажба“.

„Само што се јави пациентка за да и го препишам Ивермектин, била во контакт со позитивен, чисто превентивно да си го земе. И реков не може уште ние матичните да пишуваме, и ми вика ‘ама на вести кажаа дека има во аптеките и дека може’. Мислам стварно не е во ред ние последни да ги дознаваме новостите“, реагира друга докторка.

Докторот Ненад Лазаров веста дека Ивермектин го има во аптеките ја оцени како лажна, а објавата на министерот за здравство, Венко Филипче, како срамно лажење и евтин ПР.

„Лекот го нема во аптеки, а ниту еден матичен лекар не е информиран ниту се дадени никакви препораки. Касниме месеци, а тоа ефектуира изгубени животи. Скандалозно е кскомуницирањето на цело примарно здравство, 80% од COVID19 тука се менаџира. Срамно е лажењето а штетен е евтиниот ПР“, реагираше Ненад Лазаров.

Пациентите револтирани: „Се знаеше дека ќе нема за секој, познато сценарио“

Во групата „Ковид 19 Искуства и Совети“, некои од граѓаните се жалат дека матичните доктори одбиваат да им даваат рецепти за лекот Ивермектин. Граѓанин вели дека го барал лекот бидејќи неговиот син е позитивен на коронавирусот, а тој сакал да се заштити. Други велат дека им го препишале на „розева“ односно приватна рецепта, но дека го нема во аптеките.

„Пред 10 минути зборував со матичната лекарка и таа одби да ми даде рецепт за Ивермектин. Нејзиното оправдување беше дека немаат сеуште дозвола да даваат рецепти за лекот. Некои со слични искуства?“, прашува граѓанин чиј син е заболен од коронавирус, на што добива совет: „Бидете упорни. Може да ви го препише и специјалист, доколку има таков кој се грижи за син ви“.

„Се знаеше дека ќе биде така, сега ќе нема за секој, ќе го нема во аптеки, ќе биде дефицитарен, нема да се препишува, нема да се даваат рецепти-познато сценарио“, стои во друга реакција, а друга пациентка додава „А што ако ти даде рецепт, во ниедна аптека го нема, џабе министерот пласира информации кои се непроверени“.

Во групата, има и граѓани кои успеале да го купат лекот утринава од аптеките на Зегин.

Министерството за здравство без одговор во кои аптеки, на кои локации, колку дози се достапни

Пациентите бараат рецепт од матичните доктори, откако министерот Филипче на социјалните мрежи објави дека лекот е достапен во аптеките. По низата реакции дека  не може да се набави лекот, „А1он“ праша во кои аптеки и на кои локации, во колку дози го има лекот, но не доби конкретен одговор.

„Сите веледрогерии и болници кои испратиле барања до ‘Малмед’ за лекот Ивермектин истиот е дистрибуиран, а дистрибуцијата во поголеми количини ќе биде спроведена во текот на утрешниот ден. Лекот е донесен со интервентен увоз, целта на Министерството за здравство и Малмед беше истиот да биде достапен на што повеќе пациенти“, одговорија од Министерството за здравство.

На прашањето зошто не им е испратен допис на матичните доктори како да го дозираат лекот, Министерството за здравство, наместо конкретен одговор, испрати објаснување до „А1он“ кога се препишува лекот на пациентите. Тие велат дека дозирањето е под контрола на лекар, иако матичните тврдат дека немаат известување како да постапуваат.

„Ивермектинот се дава во три сценарија, кај ризични групи работници коишто имаат висок ризик да заболат, втора група кај луѓе кои што биле во контакт со заболен потврден контакт и кај луѓе коишто се заболени и кај трите групи на граѓани односно пациенти, има различна индикација и различно дозирање затоа е битно да биде давањето односно апликацијата под контрола на лекар.

Би можело да ве интересира

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

Орце Костов

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски

Три години откако СЗО прогласи пандемија од Ковид-19, вирусот се уште присутен, но со намален интензитет

Ана Ололовска

Најзаразниот сој досега, „кракен“, не е откриен кај нас, но последната анализа е направена на 5 декември

Осум починати, 196 нови случаи на Ковид-19 минатата недела

Ана Ололовска