Откако ќе заврши рокот за коментари (20 јануари) за Нацрт-концепцијата по електронска пошта до МОН, ќе продолжат усните дебати со сите засегнати во процесот за да се расчистат дилемите кои намерно или ненамерно беа наметнати во јавноста. МОН и работната група што ја направи концепцијата ќе ги земе предвид конструктивните коментари и во наредниот период ќе треба заеднички да ја донесеме новата концепција и да почнеме во наредната училишна година, изјави министерката Мила Царовска по средбата со претставници на Управниот однор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС).
Од досегашните коментари, рече таа, немало нешто конкретно што не се прифаќа или нешто конкретно што го предлагаат да се случи на поинаков начин и дека се работи само за страв од новините. Научни дисциплини не се укинуваат, а стравот од нивно интегрирање, рече Царовска, бил и политички злоупотребен.
– Она што досега можев да го видам е страв. Интеграцијата по различни теми за да ги видиме резултатите од учење ги исплаши наставниците и сега – како се дообјаснуваме, така тој страв се намалува, рече Царовска.
Таа посочи дека ќе се оди по сукцесивен модел (прво и четврто или прво и шесто одделение) за разлика од други претходни образовни реформи кои се спроведувале во сите одделенија. На тој начин, според неа, по секоја година ќе се добива знаење плус за тоа што треба да се направи наредната година. Концептот би се вовел за пет до шест години за да се добие стабилен систем кој и понатаму ќе се развива и ќе се стекнуваат знаења и вештини кои ги бара современиот свет.
За да има територијална застапаеност и да се слушне мислењето на општините, министерката најави дека во наредните две недели ќе имаат средби со физичко присуство со по еден наставник кои ќе ги пренесат мислењата на своите колективи, а очекува и јавна дискусија во Собранието.
– Формално-правно, немаме јавна расправа поради тоа што зборуваме за нешто што е донесено како закон – Законот за основно образование, кој ја предвидува оваа концепција и по предлог на Бирото ја носи министерот за образование. Но, заради демократските принципи кои лично ги почитувам, а и како Влада, верувам дека на крајот во Собранието ќе се исдискутира со сите чинители и да донесеме одлука што е прифатливо, што не е прифатливо и во која насока ќе продолжиме понатаму, истакна Царовска.
По состанокот на УО на ЗЕЛС, Царовска и градоначалникот на Скопје и претседател на ЗЕЛС Петре Шилегов нагласија дека реформите во основниото образование се инклузивен процес во кој ќе бидат опфатени научната јавност, градоначалниците, директорите на училишта, наставници, МАНУ, граѓански и меѓународни организации и сите засегнати страни.
Шилегов изјави дека се согласиле со министерката за неопходноста на реформите и инклузивноста на овој процес и дека како институции се должни да го најдат оптималниот начин за квалитетно образование кое, како што рече, ефектите ќе ги има во иднина кога по 20-ина години оваа генерација основци ќе бидат носители на општествени функции.
– Системот за образование во секоја држава мора да ги следи општествениот развој и современите текови во науката со цел на новите генерации да им се овозможат услови преку овој систем да стигнат до квалитетни знаења што ќе овозможи нивна поголема конкурентност на пазарот на трудот. Затоа процесот на реформи во образованието треба да се одвива континуирано, но и да ги вклучува сите релевантни актери во образовниот процес од учениците, родителите и професорите, па се до институциите во чија надлежност е организирањето на наставата, истакна Шилегов.