Општина Струмица го доби сертификатот за поволно деловно опкружување, што значи успешно ги помина сите фази од проектот за сертифицирање на општините. Струмица беше еден од четирите пилот градови во Македонија кој се вклучи во проектот „BFC – Бизнис пријателска сертификација – Меѓународен печат за квалитет за Бизнис пријателски заедници“.
Токму овој сертификат беше повод, денеска Струмица да биде домаќин на новинарскиот караван од четири земји кои учествуваат во овој регионален проект. На средбата со претставниците на одделението за локален економски развој при општина Струмица кое го реализираше овој проект и претставниците на бизнис заедницата, новинарите имаа можност да се запознаат со деталите на проектот, со партнерите, како и со општините кои се во процес на сертификација и реформите кои ги имаат спроведено. Општина Струмица го доби овој сертификат со исполнување на 12 критериуми, а истиот ќе биде врачен на 7 јуни во Скопје и 12 јуни во Загреб.
– Целта на вклучувањето на општина Струмица во овој проект е пред се привлекување на странски инвестиции и нивна промоција, обезбедување поддршка на економскиот развој, фактор кој е клучен за развојот на општините и бизнис секторот и стандардизирање на локалниот економски развој. Исто така, овој проект и послужи како водич на општината за подобрување на општинските политики и начин на делување внатре и секако надвор како сервис на граѓаните, рече Софче Иванова координатор на проектот, на денешната промоција на сертификатот.