Новото продолжение од серијалот за фантастичниот стрип херој Спајдермен, е најгледан филм изминатата седмица во кината во Северна Америка и заработил 65 милиони долари, објави Sony Pictures.
Филмот „The Amazing Spider-Man” со Ендрју Гарфилд и Ема Стон во главните улоги почна да се прикажува во северноамериканските кина минатиот вторник. Сметајќи ги и странските кино-пазари, филмот веќе заработил 341 милион долари.
Првите три филма од серијалот за човекот-пајак, „Spider-Man” (од 2002 година), „Spider-Man 2″ (2004) и „Spider-Man 3″ (од 2007 година), заработиле вкупно две ипол милијарди долари. Во сите три продолженија главните улоги ги толкуваа Тоби Мегваер и Кристен Данст, а ги режираше Сем Рејми.
Откако пропаднаа преговорите за снимањето на четвртиот дел со истата екипа, Sony Pictures се одлучи серијалот да го покрене од почетокот. Мегваер во улогата на Питер Паркер беше заменет со Гарфилд, Ема Стон ја толкува неговата девојка наместо Кристен Данст, додека режијата ја презема Марк Веб. Инаку Ендрју Гарфилд и Ема Стон се партнери и во приватниот живот.