Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) денеска информира Европската комисија во мајскиот редовен извештај за покренати прекршочни постапки јавно ги повикала Белгија и Грција да го ратификуваат договорот со земјите од Западен Балкан за воспоставување европска заедничка област (ECAA).
Доколку белгиските и грчките власти не го депонираат ратификуваниот договор во рок од два месеци, ЕК двата случаи ќе ги проследи до Европскиот суд на правдата, соопшти АЦВ каде информацијата за предупредувањето до Грција и Белгија ја испратила Постојаната мисија на РМ при ЕУ во Брисел.
Во реакцијата на Европската Комисија, според АЦВ, се искажува загриженост, бидејќи 7 години по потпишувањето (9 јуни 2006 година), Белгија и Грција, се уште го немаат ратификувано договорот. Отсуството на ратификацијата, според ЕК, ги загрозува аспектите за клучни отворања на воздухопловниот пазар во Западен Балкан и креира пречки во обезбедувањето на авиотранспортните услуги.
– Во реакцијата се наведува дека Белгија и Грција не ги извршуваат обврските од Одлуката на Советот 2006/682/ЕС (со која се одобри потпишувањето на договорот), како и дека делуваат во спротивност на договорот на ЕУ-член 4, параграф 3, кој ја воспоставува обврската за искрена соработка, според која, земјите членки треба да ги преземат сите неопходни мерки за да осигурат исполнување на обврските кои резултираат од актите на институциите на ЕУ, појаснуваат од АЦВ.
Постојаната мисија на РМ при ЕУ во Брисел, ги информирала дека ќе продолжи да го следи предметот и оти прашањето може да биде соодветно адресирано и во рамки на престојниот Поткомитет за транспорт, животна средина, енергија и регионална политика што ќе се одрижи на 6 и 7 јуни.