Автомобилскиот клуб на Франција во својот годишен извештај за трошоците на возачите, констатира дека и покрај се помалку извозените километри во текот на годината, средствата за одржување на автомобилите се се поголеми.
За поседување и користење автомобил Французите годишно трошат меѓу 6.000 и 8.000 евра, пренесува дописникот на МИА од Париз.
Заклучоците на извештајот се парадоксални. Французите трошат 1,2 отсто повеќе пари за автомобилите кои работат на бензин и 4,5 проценти повеќе за тие на дизел горива, а во исто време бројот на изминатите километри е намален. Ова се објаснува со зголемувањето на сите други трошоци потребни за одржување на возниот парк од 31,5 милиони автомобили.
Имено, регистрацијата на автомобилите е поскапа за пет отсто во споредба со 2011 година, паркинзите и механичарските работилници, исто така, ги зголемија цените, повлекувајќи ги со себе и трошоците за осигурување кои се зголемија за пет проценти.
На крајот цената на патарината за автопатите исто така забележа раст.
Ист автомобил, поевтин се одржува на северот, отколку на југот од Франција. За одржување на еден автомобил од средна класа еден возач на Азурниот брег троши 850 евра повеќе годишно, отколку еден жител на Лорен.