Ердоган и Рама: Нема да дозволиме ФЕТО да ги труе односите меѓу Турција и Албанија

Од:

Челниците на Турција и Албанија, Реџеп Таип Ердоган и Еди Рама, на средбата во Анкара се согласија дека движењето на опозицискиот водач Фетулах Ѓулен, кое Турција го смета за терористичка организација, претставува закана за двете земји и затоа „нема да дозволат ФЕТО да ги труе односите меѓу Турција и Албанија“.

Во заедничката изјава се додава дека ФЕТО е терористичка организација која ја предводи Фетулах Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави, а за чија екстрадиција Турција има доставено официјално барање.

Турскиот претседател во изминатите години реагираше во Тирана поради тоа што тврди дека приврзаниците на Ѓулен и организации поврзани со него имаат силно присуство во Албанија, каде раководат со приватни училишта и други образовни институции.

Ердоган ја смета ФЕТО за одговорна за обидот за државен удар во Турција ноќта на 15 јули во 2016 година. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.

На прес-конференцијата, турскиот претседател Ердоган ги нагласи историските врски на двете земји.

– Планираме да ги зголемиме инвестициите во инфраструктурата и туризмот во Албанија. Сакаме нашата економска соработка да ја подигнеме на повисоко ниво. Договоривме изградба на болница во градот Фиер, како и бесплатно лекување во Турција на 100 албански државјани заразени со Ковид-19, основање турски универзитет во Албанија и реставрација на џамијата во Скадар, рече Ердоган.

Турција и Албанија потпишаа Договор за унапредување на билатералните односи на ниво на стратешко партнерство.

– Ги подигнавме нашите односи на ниво на стратешко партнерство. Овој чекор што го направивме денеска ќе овозможи понатамошен развој на нашата соработка на секое поле, посочи Ердоган, посакувајќи слободни и демократски избори на 25 април, кои ќе бидат во полза на албанскиот народ.

Премиерот Рама се заблагодари за помошта дадена по земјотресот од 26 ноември минатата година, нагласувајќи дека Ердоган „не делува како многу држави за време на пандемијата кои ја запреа помошта за Албанија“.

Рама, кој денеска ја завршува дводневната посета, Ердоган вчера го дочека со официјална церемонија, а денеска албанската делегација го посети и музејот на таткото на современа Турција, Мустафа Кемал Ататурк.

Би можело да ве интересира

Ердоган на самитот на Г20 изјави дека Русија има право да се брани со нуклеарно оружје

Ердоган: Турција ги прекина односите со Израел

Ердоган: Нема објаснување зошто процесот на пристапување на Турција во ЕУ е блокиран со години

Ердоган го повика исламскиот свет да се обедини за поддршка на палестинскиот и либанскиот народ

Рама: Извештајот за напредокот на Албанија за 2024 година најпозитивен до сега

А1он

Трета жртва од пукањето во Скадар