Новиот состав на американскиот Конгрес, што беше конституиран во неделата во Вашингтон, денеска ќе одржи седница на која треба да ги потврди резултатите од претседателските избори. На заедничката седница на двата дома на Конгресот, Претставничкиот дом и Сенатот, треба да се потврдат гласовите на Изборниот колеџ, што го прогласи демократот Џо Бајден за победник на претседателските избори во САД во декември.
Приврзаниците на претседателот во заминување Доналд Трамп почнаа да се собираат во Вашингтон во знак на протест против потврдата на неговиот пораз, а се очекуваат и контрапротести, поради што се мобилизирани стотици припадници на Националната гарда.
“Fight for Trump!” chants as the group marches to BLM Plaza here in DC #DC #WashingtonDC #January6th pic.twitter.com/C1jsYTUFC3
— Brendan Gutenschwager (@BGOnTheScene) January 6, 2021
Трамп, кој се уште не ја признава победата на Бајден, го засили притисокот врз партиските колеги во Конгресот во последните денови во очајнички напор да ја врати изборната победа на демократскиот противник на заедничката седница на Конгресот.
Неговите обиди да ги сменат изборните резултати во безброј судски постапки пропаднаа, но и покрај тоа тој продолжува да повторува тези за масовна изборна измама без никакви докази.
Трамп на Твитер објави дека ќе зборува на денешниот митингот „Да ја спасиме Америка“.
I will be speaking at the SAVE AMERICA RALLY tomorrow on the Ellipse at 11AM Eastern. Arrive early — doors open at 7AM Eastern. BIG CROWDS! pic.twitter.com/k4blXESc0c
— Donald J. Trump (@realDonaldTrump) January 5, 2021
Уставната обврска на Конгресот да ги потврди резултатите од Изборниот колеџ, што инаку е формалност, оваа година се претвора во обид на републиканците лојални на Трамп да ја оспорат победата на Бајден.
Нивниот став може да ја комплицира приоритетната задача на Џо Бајден за помирување со надминување на партиските разлики.
Група од десетина републикански сенатори предводена од Тед Круз објавија дека ќе се спротивстават на признавањето на резултатите од Изборниот колеџ и на Бајден во Конгресот.
Истото го најавија околу 140 републиканци во Претставничкиот дом, што би значело дека Конгресот може да не ги потврди резултатите од изборите истиот ден, туку еден ден подоцна, затоа што тогаш ќе треба да разговара за приговорите за изборните резултати во секоја држава оспорена од тие пратеници.
Тие најавија дека ќе ги оспорат резултатите во кои Трамп загуби. Новоизбраниот американски претседател Бајден треба да стапи на должност на 20 јануари.