Кинескиот милијардер и сопственик на „Алибаба“, Џек Ма не е појавен во јавност повеќе од два месеца, па медиумите шпекулираат дека „исчезнал“ откако во октомври упати критики до кинеската власт и побара реформа на системот, пишува Фајненшл Тајмс.
Ма не се појави ниту во последната епизода на сопствената шоу програма „Африкански деловни херои“, во која беше еден од членовите на жирито, а го замени генералната директорка на „Алибаба“, Луси Пенг, а неговата фотографија е отстранета од веб-страницата, наведува весникот.
Портпаролот на „Алибаба“ тврди дека Ма не бил дел од жирито „поради преголеми работни обврски“.
Пекинг нареди инспекции во компаниите на Ма, откако тој на 24 октомври во Шангај одржа контроверзен говор, во кој го критикуваше кинескиот регулаторен систем поради задушување на иновациите, а глобалните банкарски правила ги спореди со „клуб на пензионери“.
– Денешниот финансиски систем е наследство на индустрискиот период. Мораме да поставиме нов за следната генерација и за младите луѓе. Мораме да го реформираме актуелниот систем, истакна тогаш Ма во својот говор.
Една недела подоцна, суспендирана е првата јавна понуда на неговата компанија „Ант Груп“ со рекордни 37 милијарди долари, која веќе имала одобрение од кинеското надзорно тело за хартии од вредност, а кинеските власти кон крајот на минатиот месец покренаа антимонополска истрага против „Алибаба“ и побараа од „Ант Груп“ да го реструктуира своето работење.