Во Србија денеска се очекува да пристигнат уште 19.500 дози вакцини од „Фајзер/Бионтек“, изјави државниот секретар на Министерството за здравство Мирсад Ѓерлек по средба на членовите на Националниот тим за координација за имунизација со министерот за здравство Златибор Лончар.
– До крајот на неделава планираме да вакцинираме околу 11.000 лица, со тоа што половина од вакцините се доделени на здравствени работници, а половина на геронтолошки центри и институции за социјална заштита, изјави Ѓерлек.
Имунизацијата на здравствените работници започнува утре, почнувајќи од единиците за интензивна нега, приемните тријажни центри и од ковид-болниците.
Ѓерлек кажа дека во текот на оваа недела ќе се искористат и 2.400 дози од руската вакцина „Спутник V“ и дека еден дел од таа вакцина најверојатно веќе од утре ќе биде пуштен во употреба.
– Планот е во првата фаза да се вакцинираат околу 720.000 лица. Покрај здравствените работници, тука се и корисниците на геронтолошките центри и институциите за социјална заштита, потоа повозрасните од 75 години, граѓаните на возраст од 64 до 74 години кои имаат хронични болести, објасни Ѓерлек,
Првата фаза на вакцинација, ќе зависи од количеството вакцини што ќе пристигнат во Србија.
– Премиерката Ана Брнабиќ најави дека во јануари ќе пристигнат околу еден милион дози вакцини, но мислам дека ќе пристигнат и повеќе од тоа, рече Ѓерлек, додавајќи дека здравствените работници кои работат во црвените зони ќе бидат вакцинирани во ковид-болниците, корисниците на домовите за стари лица во домовите, а другите пунктови најверојатно ќе бидат во здравствените домови.