Карен Роџер од Ренфрушир, во Шкотска, роди близнаци по трет пат, иако шансите за тоа се околу 500.000:1.
Карен (41) и нејзиниот маж Колин (44) после четири момчиња ги добија добија девојчиња Рован и Ајсла. Близначките се родени на 29 мај во Глазгов, јави „Телеграф“.
Девојчињата, кои не се идентични близначки, родени се со царски рез. Прво се роди Рован, тешка 2,5 килограми, а две минути подоцна Ајсла со тежина 2,8 килограми.
– Не можам да верувам. Не ни помислив дека повторно ќе добијам близнаци. Мислев дека тоа не се случува на луѓето како мене. Апсолутно сум воодушевена, рече Карен.
– Кога му кажав дека повторно ќе имаме близнаци, мојот сопруг мислеше дека се шегувам. Ми рече дека тоа не е смешно, додаде таа.
Роџерови до раѓањето не го знаеле полот на бебињата, а Карен рече дека мислела дека повторно ќе бидат момчиња.
– Сега ќе има повеќе девојчиња во куќата кои ќе ги крадат моите чевли и шминки, се пошегува среќната мајка.
Покрај новородените девојчиња Роџерови имаат и 14- годишни Луис и Кајл, и 12-годишнаци Фин и Џуд.
– Откако се родија Фин и Џуд чувствував дека нашето семејсто не е целосно. Не знам зошто така мислев. Кога наполнив 40 години помислив дека е време за ново дете. Разговарав со сопругот и се согласивме дека двајцата сакаме друго дете, наведе Карен.
Роџерови планираат да купат нов автомобил, а од поткровјето на нивната куќа да направат соби за најстарите близнаци, за девојчињата да добијат своја просторија.
– Карен е сјајна мајка. Најголем предизвик е всушност од економската природа, рече Колин.