Чеферин: Пласманот на македонската репрезентација на ЕП е шанса за промоција на една мала држава

Од:

Претседателот на УЕФА Александар Чеферин рече дека е пријатно изненаден од пласманот на македонската репрезентација на претстојното Европско фудбалско првенство (ЕП), оценувајќи дека тоа е шанса за промоција на една мала и економски недоволно развиена држава.

-Северна Македонија ме изненади… Тие се добра екипа, добро раководена и супер ми е што се пласираа на ЕП. Една мала земја, која нема добра економска состојба, доби шанса да се промовира. Ретко што може да го обедини народот во една држава како што тоа можат да го направат спортските успеси, изјави Чеферин, во опширно интервју за белградскиот весник „Информер“, објавено денеска.

Чеферин изрази уверување дека ЕП, што треба да се одржи од 11 јуни до 11 јули ширум европскиот континент, ќе се игра пред полни стадиони.

-Мислам дека на лето ќе можеме да имаме полни трибини. Засега, планот е да се игра во сите 12 држави. Секако, постојат и резервни варијанти во случај некоја држава да се соочи со проблеми. Подготвени сме да го организираме натпреварувањето во 11, 10 или девет земји. па дури и во само една држава, ако тоа биде потребно. Сепак, јас сум 99.9 отсто сигурен дека ќе имаме ЕП во сите 12 градови, како што е и планирано. Евентуално може да се случи да отпадне една држава. Меѓутоа, мислам дека во иднина веќе нема да имаме турнири од ваков формат, со толку многу домаќини. Се покажа дека тоа е тежок потфат“, истакна првиот човек на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА),

Зборувајќи за голем број актуелни фудбалски прашања, Чеферин нагласи дека формирање регионална лига на просторот на поранешна Југославија, во овој момент не изводлива опција.

-Во УЕФА размислуваме за регионални лиги и разговараме за тоа со раководствата на фудбалските федерации. Сепак, не верувам дека во скоро време ќе биде можно да се формира регионална лига на просторот на поранешна СФРЈ. Политичката ситуација и натаму е комплицирана. Војната сè уште е во сеќавање на луѓето. Ако формирме регионални лиги, во тој случај пореално е Словенија и Хрватска, заедно со уште некои земји, да бидат во една, а Србија со уште некои држави да бидат во друга регионална лига. Во секој случај, се повеќе земји се заинтересирани за регионално натпреварување, бидејќи тоа би ја зголемило вредноста на клубовите, како и приходите од спонзори и продажба на телевизиските права“, наведе Чеферин.

Би можело да ве интересира

УЕФА донесе одлука за прекинатиот натпревар меѓу Романија и Косово

УЕФА инвестира една милијарда евра за развој на женскиот фудбал во Европа

УЕФА ја казни Барселона поради финансиска измама

УЕФА: Стадионот „Сан Сиро“ нема да биде домаќин на финалето на Лигата на шампионите во 2027 година

УЕФА го казни Партизан со 40.750 евра поради инциденти со навивачите на мечот против Лугано

УЕФА ги суспендираше Мората и Родри