Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на денешната седница донесе одлука со која се намалува тарифата за пренос на природен гас во просек за 6,16 отсто. Одлуката стапува во сила од 1 јануари 2021 година.
Претседателот на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги Марко Бислимоски потенцираше дека бенефитот од оваа одлука ќе го почувствуваат сите корисници на природен гас чии сметки од 1 јануари ќе бидат пониски.
– На крајот од годината една добра вест а тоа е дека на денешната последна седница за 2020 година донесовме одлука за намалување на тарифата за пренос на природен гас во просек за 6,16 отсто. Бенефитот од оваа одлука ќе го почувствуваат сите корисници на природен гас чии сметки од 1 јануари ќе бидат пониски. Клучни причини поради кои се намалува тарифата за пренос на природен гас се зголемените количини на природен гас кои ќе се пренесуваат следната година, како и влијанието на намалената увозна цена на природниот гас, истакнал Бислимоски.
Од РКЕ потсетуваат дека еднаш во годината носат одлука за тарифата за пренос на природен гас.