Иран почнува со тестирање на домашната вакцина против коронавирусот врз луѓе, во време кога поради американските санкции се соочува со тешкотии да купи доволни количества вакцини од странство.
Иранската вакцина, развиена од компанијата „Шифа Фармед“, ги минала тестовите врз животни, а во првата фаза на тестирањето врз луѓе, што ќе трае еден месец, неа ќе ја примат 56 волонтери.
Минатата недела над 60.000 лица доброволно се пријавиле на повикот на Министерството за здравство да учествуваат во тестирањето на вакцината.
Претставник на Министерството за здравство денеска изјави дека до крајот на февруари уште седум ирански вакцини треба да бидат тестирани врз животни.
-Имаме традиција на производство на вакцини во нашите медицински институти. Ќе докажеме дека нашата домашна вакцина ќе биде подобра од многу направени низ целиот свет, рече министерот за здравство Саид Намаки.
Со речиси 55.000 мртви и 1,2 милиони заразени Иран е најтешко погодената земја на Блискиот исток од пандемијата.
Гувернерот на иранската Централна банка во петокот соопшти дека земјата постигнала договор за плаќање на 16,8 милиони дози вакцини преку Ковакс глобалната иницијатива на Светската здравствена организација (СЗО).
Но, еден ден подоцна, иранскиот претседател Хасан Рохани изјави дека администрацијата на американскиот претседател во заминување Доналд Трамп продолжува да поставува пречки кон Иран и затоа изрази стравување дека овие пари за вакцините може да и бидат одземени на земјата.