Масовни собири поради шопинг и гужви по трговските центри го одбележаа последниот викенд пред божиќните и новогодишните празници во Италија, ден откако властите соопштија дека земјата ќе оди во целосен карантин за време на празниците.
Турканиците за предновогодишните попусти се случуваат и покрај препораките на властите да нема групирање, како и напроти фактот што епидемијата на коронавирусот во земјата не стивнува, а во Италија во изминатите недели се бележеа по 500 до 800 смртни случаи дневно и десетици илјади новозаразени.
Сепак, најголемите гужви во Италија се случуваат на железничките станици и аеродромите, каде илјадници работници од странство на привремена работа во земјата, многумина од нив и од Македонија и другите држави од Балканот, тргнаа кон своите родни земји за да го избегнат празничниот карантин во Италија. Според проценките на властите, изминатиов викенд околу 200.000 луѓе биле во движење преку средствата за јавен транспорт.
Бројот на патници е сепак десетпати помал отколку во претходните години, но и натаму многу голем со оглед на ситуацијата со Ковид-19, велат властите.
Според извештаите на италијанските медиуми, гужвите се создале и поради тоа што бројот на патници во возовите и во авионите е намален поради заштитните мерки, а дека авиокомпаниите поради зголемената побарувачка ги зголемиле цените на билетите.
Во Италија од почетокот на пандемијата се заразија речиси два милиони луѓе, а скоро 70.000 луѓе починаа како последица на Ковид-19.