Вообичаено децата на возраст од пет години времето го минуваат играјќи со своите другари или играчки. Ова меѓутоа не се однесува за петгодишната Софија Мос од американската сојузна држава Луизијана.
Имено, девојчето досега причитало вкупно 875 книги.
Библиотекарката во локалната библиотека Мери Лание вели дека ако Софија продолжи да чита со вакво темпо наскоро ќе мора да нарачува нови книги.
Таткото на малата Софија, Карл вели дека се започнало поради ликот од популарната детска емисија „Улицата Сезам“, Елм, благодарејќи на кој девојчето научило да чита кога имало три и полгодини.
– На почетокот секој ден од библиотеката земаше по три книги, но сега таа бројка порасна на десет, вели гордиот Карл Мос, кој посакуква неговата ќерка да стане адвокат.
Петгодишната Софија пак изјавува дека многу сака да чита.
– Кога читам тогаш сум многу среќна. Понекогаш знам да прочитам и по шест книги во еден ден, вели Софија.