Онлајн услуги за рана интервенција за децата со попреченост и задоцнување во развојот

Од:

УНИЦЕФ и партнерите денеска ја промовираа новата веб-платформа Рана интервенција наменета за родители и старатели на деца со задоцнување во развојот и на деца со попреченост на возраст од 0 до 6 години за да им понудат на семејствата пристап до услуги за рана интервенција и онлајн психо-социјална поддршка.

-Платформата за рана интервенција за деца со попреченост е нова, иновативна алатка кај нас што ќе им помогне на семејствата на децата со попреченост и на стручните лица кои работат со нив да го утврдат најдобриот пристап за работа, согласно индивидуалните потреби на детето. Министерството за труд и социјална политика ќе ги следи искуствата од нејзиното користење за да воспостави мултидисциплинарен систем за рана идентификација и рана интервенција, за да осигура дека секое дете ќе има еднакви можности за раст и развој, рече Јагода Шахпаска, министерка за труд и социјална политика.

Платформата е изработена со поддршка од УНИЦЕФ и во соработка со Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори и има за цел да им помогне на родителите и старателите да ги разберат клучните развојни показатели во раното детство, да ги препознаат првите знаци на доцнење во развојот и да го стимулираат развојот на детето преку игра и вежби.

Исто така, таа нуди лесен пристап до индивидуализирани стручни насоки и интервенции, вклучувајќи опција родителите да достават онлајн-барање според кое стручни лица од Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори ќе извршат проценка на индивидуалните потреби на детето и ќе изработат индивидуален план за развој. Со оваа опција, на родителите, без оглед каде живеат, им се дава пристап до прилагодена и специјализирана поддршка и насоки за стимулирање на вештините, способностите и умешноста на нивното дете.

-Знаеме дека најдобриот начин за поддршка на децата со доцнење во развојот е преку рано откривање и интервенција во раното детство. Со ваков пристап драматично се подобруваат шансите на децата да го достигнат својот целосен потенцијал и функционирање, да имаат поквалитетен живот и да го заземат вистинското место во општеството како возрасни. Затоа, од суштинско значење е со интервенции да се започне што порано, но и да се понудат различни услуги за поддршка на децата со развојни тешкотии. Платформата овозможува иновативен начин за досегање до децата на национално ниво, дури и во подрачја каде услугите не се физички достапни, и ги надополнува вкупните напори на Министерството за здравство да обезбеди услугите за рана интервенција да бидат достапни за сите на кои им се потребни, вели Венко Филипче, министер за здравство.

Патриција Ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ смета дека раното детство е период на големи можности за развој на детето, но и период на ранливост. Земајќи во предвид дека децата со попреченост се меѓу најранливите, особено за време на пандемијата со КОВИД-19, од витално значење, вели таа, е семејствата да имаат пристап до услуги, особено до услуги за поддршка на раниот детски развој.

-Првиот чекор за вклучување на децата со попреченост во општеството е да се создадат услови за оптимален развој во раното детство, истакна Ди Џовани.

Интернет-платформата претставува проширена услуга на Центарот за рани интервенции отворен во Скопје на почетокот од оваа година. Основан со поддршка на УНИЦЕФ и финансиран од Владата на Велика Британија, новиот центар е дел од обидот за проширување на услугите во заедницата за семејства на деца со попреченост и доцнење во развојот.

-Ние се залагаме за подобрување на политиките и практиките за социјална кохезија и различност во Северна Македонија. Затоа со задоволство ги поддржуваме услугите во заедницата прилагодени за децата со попреченост како влезна точка за нивно вклучување во општеството. Центарот за рани интервенции е дел од нашите пошироки напори за подобрување на животот на сите деца и за поддршка на реформите во образовниот и социјалниот систем, истакнува британската амбасадорка Рејчел Галовеј.

Потребата од онлајн услуги за рана интервенција беше препознаена како одговор на пандемијата со КОВИД-19 која наруши некои од основните услуги за поддршка на децата со попреченост, ставајќи го товарот врз родителите и старателите. Гарантирајќи континуитет на услугата, интернет-платформата сега стигнува и до семејствата во заедници каде услугите не се физички достапни, но и до семејствата кои поради ниските приходи не ги користеле услугите во минатото.

Е-платформата е достапна на македонски и на албански јазик на http://www.ranaintervencija.mk .

Би можело да ве интересира

Тренчевска: Апликацијата Сиборд претставува унапредување на инклузијата на децата со попреченост уште од најраната возраст​

А1он

Избрани тутори за децата со попреченост од прво и второ одделение

Ана Ололовска

МЗМП: Децата со попреченост се во вистински ризик од злоупотреби – да им обезбедиме заштита

Ана Ололовска

Стипендии за 28 ученици со попреченост во Куманово, Липково и Старо Нагоричане

Жарко Настоски

Промоција на прва апликација на македонски јазик за деца со попречен говор

Ана Ололовска

Триста деца со попреченост ќе добијат стипендии

Жарко Настоски